Рекоа...

 

 

vele-smilevski Приказните од ракописот „Македонски приказни за Филип и Александар“ се ретко применуван жанр и тие како такви без сомнение ќе го привлечат вниманието на читателите. Тешко може да се каже, дека овие творби се наменети за најмладите читатели, бидејќи тие и по својата форма, по начинот на изразувањето и според пораката, ги бришат сите можни граници за пристап од аспект на возраста на реципиентот. Тоа зборува за сериозноста на овој творечки проект полн со идеи и слоевити значења, кои имаат пред се трансмисиона улога во преточувањето на животните вистини преку легендата, која потоа добива творечки третман низ визурата на една своја филозофија со егзистенцијални, социјални, историски, национални, цивилизациски и психолошки аспекти во пристапот кон предметната материја. Овој факт е особено важен, бидејќи осумте приказни доаѓаат од автор, кој не е експониран во литературата, но чија ерудиција стекната по пат на ученото или од самиот живот, како и функцијата на интуитивното во значење на еден природен дар од Бога, без сомнение, претставува изненадувачки, уверлив и свеж дотек во меандрите на литературата, кој нема да ги остави рамнодушни оние, кои се поклоници на ваквиот вид лектира. Овие приказни се пишувани со љубов, а љубовта победува сè, ги минува сите бариери до целта да се постигне нешто корисно, хумано, убаво. Може слободно да се констатира дека ја има во овие текстови онаа „сладост на муабетот“ што се јавува во светлина на пријатно и неодоливно чувство на непосредност во кажувањето, кое на тој начин може да биде сугестивно, со ненаметлива автентичност, со нијанса на патина на приказните кои се (пре) раскажуваат од колено на колено и, како во случајов, добиваат современа, авторска верзија, потпишана од име кое во нашата акустика е од најзвучните, со атрибути на стручњак од уникатен формат, име што претставува гордост и бележит знак на нашето време – академик Жан Митрев. Навистина претставува смелост посегањето на едно такво име во област во која до сега, барем од пошироката јавност, а рака на срце и за луѓето од потесната специјалност, не е експонирано. Но авторот на овие приказни не е оптоварен со ова прашање. Тоа е само начелно прашање, бидејќи приказните зборуваат за нешто друго: за еден бескраен тек на овој вид на раскажување што допира до најдлабоките пластови низ времињата и низ чија меморија, како одглас, во прочистен вид, ги пренесува пораките запретани во правта на историјата. Во теоријата на литературата јасно се означени параметрите на проучување на варијациите на мотивот, темата и стилот посебно на планот на усната (народна) книжевност, главно во доменот на легендите и приказните. Во овој контекст приказните на Жан Митрев можат да бидат предмет на посебна расправа со своите специфики и вредности, бидејќи тие се јавуваат во чисто авторска верзија на еден надарен и мотивиран промислувач на прашањата што во нив наоѓаат творечки третман. Сето ова зборува за сериозноста на оваа мала по обем збирка која за радост на сите нас открива нова димензија во личноста и делото на академик Жан Митрев.

 

Д-р Веле Смилевски писател и универзитетски професор